Спасувачки екипи за пребарување ги осветлија темните морски води крај брегот на индонезиската престолнина Џакарта во потрага по патничкиот авион со 62 патници, кој изгуби контакт со контролата на летање набргу по полетувањето од аеродромот и исчезна од радарите, соопштија официјални лица.

Сè уште нема официјална потврда за судбината на патниците и екипажот и во тек е интензивна потрага. Роднините на исчезнатите патници, на аеродромот со нетрпение чекаат вести за авионот.

Авионот „боинг 737-500“, на компанијата „Сривиџаја ер“, непосредно по полетувањето во 7 часот и 40 минути, најверојатно паднал во океанот откако нагло ја изгубил висината. Сè уште се чека на официјална потврда за несереќата.

Во авионот имало 62 лица – 56 патници, од кои седум деца, како и шест членoви на екипажот, објави „Метро ТВ“.

Авионот летал на домашен лет кон островот Борнео, изјави министерот за транспорт Буди Карја Сумади.

„Загрижени сме за оваа несреќа“, рече тој на прес-конференција, најавувајќи ја операцијата за потрага по авионот.

„Според досега достапните информации, во областа биле пронајдени неколку фрагменти за кои се сомневаме дека припаѓаат на леталото. Тие веќе се наоѓаат на нашиот брод на кој ќе спроведеме понатамошна истрага“, соопштија властите.

Војската распореди неколку воени бродови и два хеликоптера „Супер Пума“ во областа со цел да се помогне во потрагата, изјави командантот на вооружените сили.

Податоците од шведската интернет платформа „Флајт радар 24“ покажуваат дека авионот одеднаш, четири минути по полетувањето, забавил и ја изгубил висината.

Градоначалникот на областа каде исчезна авионот пренел сведоштва од локалните рибари кои наводно ја виделе експлозијата во близина на островот Лаки.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.