Вулканот Етна на Сицилија е во ерупција откако од еден кратер тече лава, соопшти италијанскиот Институт за геофизика и вулканологија.

Ерупцијата е испрекината и лавата тече на југоисточната падина од вулканот на километар ипол од кратерот. Пикот на активноста е забележан во текот на ноќта.

Локалните власти поради тоа повторно го затворија за сообраќај воздушниот простор на овој италијански остров.

Анса пренесува дека фирмата „Сак“ која управува со аеродромот во Катанија, соопшти дека почнувајќи од 11 часот сите сектори на воздушниот простор се отворени за сообраќај.

Во соопштението сепак се наведува дека се можни закаснувања во полетувањето и други непријатности, но дека ситуацијата би требало наскоро да се врати во нормала.

Покрај аеродромот во Катанија, забрана за сообраќај поради ерупцијата на Етна важеше и за другото сицилијанско воздушно пристаниште во Комизо кај Рагуза, каде исто така не беше дозволено полетување и слетување на авиони.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.