Германскиот министер за економија, Роберт Хабек, во неделата изрази длабока загриженост поради „уривањето“ на единството во Европската унија пред самитот во понеделникот на кој ќе се дискутира за ембаргото на увозот на руската нафта, како и за планот да се прекине големата зависноста на блокот од руските енергенси.

Челниците на земјите членки на ЕУ во понеделник и вторник ќе се сретнат за да дискутираат за шестиот пакет санкции против Русија, кој требаше да вклучува ембарго на руската нафта и програма со којашто се настојува да се забрза прекинувањето на зависноста од фосилните горива, вклучително и од рускиот гас.

„По почетокот на рускиот напад на Украина, видовме што може да се случи ако Европа е обединета. Се надеваме дека обединетоста ќе се покаже и на утрешниот самит, иако веќе започна да се урива“, рече Хабек на прес-конференција.

Земјите од ЕУ во петокот се обидоа да постигнат договор за ембаргото на поморските пратки на руската нафта со дозволување на испораките преку нафтовод, како компромис со кој би се придобила Унгарија, но и Чешка и Словачка кои бараа изземање, да ги деблокира новите санкции наметната против Русија. Но Грција, Кипар и Малта, меѓу другите, се спротиставуваат на мерката за забрана на транспортот на руската нафта, бидејќи стравуваат дека таа еднострано би можела да им наштети на нивните бродски компании кои за овие земји остваруваат значајни приходи.

Хабек истовремено ја повика Германија на самитот да настапи со обединет став, наместо да се воздржува од гласањето поради разликите во мислењата во рамките на тамошната владејачка коалиција. Повика и на слично единство на државите членки на ЕУ.

„Европа и натаму е огромна економска област со неверојатна економска моќ. Кога е обединета, таа моќ може да ја искористи“, рече Хабек на отворањето на саемот во Хановер.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.