Русија прогласи победа во својата повеќемесечна битка за освојување на украинскиот пристанишен град Мариупол.

Последните борци кои ја бранеа градската фабрика за челик Азовстал сега се предадоа, соопштија московските власти.
Со месеци трупите беа засолнати во огромниот индустриски комплекс, спречувајќи ја Русија да воспостави целосна контрола над градот.

Но, последната евакуација на војниците се случи синоќа и со тоа се означува крајот на најразорната опсада на војната, а Мариупол сега е целосно урнат.

Градот и неговата фабрика за челик сега се „целосно ослободени“ откако 531 украински војници го напуштија местото, соопшти руското Министерство за одбрана.

„Подземните објекти на фабриката, каде што се криеја милитантите, потпаднаа под целосна контрола на руските вооружени сили“, се додава во соопштението.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека на последните преостанати бранители на локацијата им била дадена дозвола да ја напуштат.

„Денес момчињата добија јасен сигнал од воената команда дека можат да излезат и да си ги спасат животите“, изјави тој за украинскиот телевизиски канал претходно во петокот.

Сепак, неизвесна е судбината на Азовскиот полк. Сите се пренесени на територија која е под контрола на Русија, а Киев се надева дека ќе има размена за руските воени заробеници. Но, Москва одбива да каже дали ќе ги задржи и ќе им суди како на терористи, или пак ќе се одличи на размена.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.