Зетот на турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган, Берат Албајрак денеска поднесе оставка од местот потпретседател на Турскиот суверен фонд, три недели откако си поднесе оставка од функцијата министер за финансии.

Албајрак, кој важеше за евентуален наследник на Ердоган, предизвика политички земјотрес кога на 8 ноември поднесе оставка од функцијата министер за финансии, поради здравствени причини. Тој во 2018 година беше именуван за потпретсдеател на Турскиот суверен фонд, со кој управува Ердоган.

Со оставката се потврдува повлекувањето на Албајрак од турскиот политички живот. Тој нема дадено изјава откако ја напушти министерската функција.

Турскиот суверен фонд е формиран во 2016 година и управува со државниот имот во фирмите, а финансира големи инфраструктурни проекти. Според официјални податоци, Фондот управува со 177 милијарди турски лири (околу 10 милијарди евра) во 20 компании, меѓу кои и „Туркиш ерлајнс” и банките „Зират” и „Халкбанк”.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.