Поради напливот на мигранти Летонија ја продолжи вонредната состојба на границата со Белорусија. Агенцијата ДПА забележува дека многумина веруваат дека мигрантската криза е намерно предизвикана од властите во Минск, кои сакаат да се одмаздат за санкциите што Европската Унија ги воведе кон Белорусија.

Владата на Летонија ја продолжи вонредната состојба до 10 февруари следната година. Како и досега, таа е во сила во четири окрузи на југот од земјата погодени од илегалната имиграција. На граничарите таму ќе им биде дозволено да ги вратат мигрантите кои илегално влегле во Летонија од Белорусија.

Вонредната состојба таму беше воведена на 11 август за период од три месеци. Оттогаш, речиси 1.800 мигранти се запрени додека се обидувале илегално да ја преминат границата. Владите на Летонија, Литванија и Полска го обвинуваат белорускиот претседател Александар Лукашенко дека намерно го организира протокот на мигранти од земјите погодени од криза до надворешните граници на ЕУ.

Летонија одговори со засилување на граничната служба и со изградба на ѕид долг стотици километри долж границата. Спирали од бодликава жица сега се поставуваат во различни други сектори на границата. Операцијата треба да заврши кон средината на следниот месец.

Исто така, не стивнува кризата со бегалците на границата меѓу Белорусија и Полска, каде што Европската Унија нема пристап до теренот и бара полските власти да и дадат дозвола за надзор на состојбата.

Еврокомесарката за внатрешни работи, Илва Јохансон, со денови бара одговор од полските власти за да ја посети белоруско-полската граница, која е и надворешна граница на Европската Унија.

Варшава прогласи вонредна состојба на границата, по што извештаи за тортура и убиства на мигрантите редовно пристигнуваат до јавноста, но без можност за ЕУ да ги провери таквите извештаи бидејќи нема пристап.

Портпаролот на Европската комисија, Адалберт Јанз, повтори дека ЕУ е посветена да ја поддржи Полска, но и дека е потребно присуство на ЕУ.

Како што истакнавме, границите со Белорусија се граници на ЕУ и најдобар начин на управување е да се користат заедничките ресурси на ЕУ базирани на заедничките вредности на ЕУ – изјави Јанз.

Министерот за внатрешни работи на Германија, Хорст Зехофер, пак, најави нови мерки на државата за спречување мигранти, кои илегално пристигнуваат од Полска.

Според властите во Берлин само во август се регистрирани 4.300 илегални преминувања, а најголем број од мигрантите биле од Сирија и од Ирак.

Портпарол на германското МВР, Стив Алтер изјави дека е понудана помош за Полска со дополнителен број граничари и логистика за сместување мигранти.

Германија и другите земји-членки на ЕУ ја поддржаа Полска за да ја заштити својата граница со Белорусија, а Берлин изрази загриженост и поради хуманитарната ситуација на границата, каде се наоѓаат голем број мигранти.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.