Европската комисија се подготвува да предложи механизам за надзор на извозот на вакцини што се произведуваат во ЕУ преку кој ќе може, доколку оцени дека е потребно, и да го спречи, јави дописничката на МИА од Брисел.

Од ЕК инсистираат дека „не станува збор за забрана на извозот на вакцини“ кон трети земји, туку за построга контрола. Забрана за извоз би била возможна само „под одредени услови“.

Европската унија е под притисок откако повеќе фармацевтски компании го одложија доставувањето на потребните дози вакцини. За Комисијата е сега важно да се воведе “поголема транспарентност“ во однос на овие набавки и да се присилат компаниите да ги исполнат договорите склучени со ЕУ земјите.

Службите на ЕК го финализираат предлогот за овој механизам за надзор кој би требало во наредните денови да биде официјално презентиран пред јавноста.

Забраната за извоз не би требало да влијае врз ветената хуманитарна помош за третите земји како што е западниот Балкан, источното и јужното соседство на ЕУ, но за сега нема конкретен рок кога таа помош ќе се конкретизира. 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.