Иран почнал со изградба на нуклеарен објект во близина на градот Натанц, објавува „Гардијан“, презентирајќи сателитски снимки од наводниот објект. Како што пишува, весникот, ова доаѓа во момент кога нуклеарната агенција на ОН призна дека Техеран гради напредна подземна фабрика за склопување центрифуги откако последната експлодираше како резултат на саботажа минатото лето.

Изградбата се случува во период кога САД се приближуваат до денот на изборите на која силите ќе си ги одмерат актуелниот претседател Доналд Трамп, чија максимална кампања на притисок против Иран го натера Техеран да ги напушти сите ограничувања на својата атомска програма, и Џо Бајден, кој изрази подготвеност да се врати на нуклеарниот договор. Исходот од гласањето најверојатно ќе одлучи кој пристап ќе го прифатат САД.

Зголемените тензии меѓу Иран и САД за малку ќе испровоцираа војна на почетокот на годината.

Од август, Иран гради нов или пренаменува постар пат јужно од Натанц, што според аналитичарите, води кон поранешен полигон на безбедносните сили во објектот за збогатување ураниум, покажуваат снимките направени од „Планет лабс“ со седиште во Сан Франциско. Сателитската снимка од понеделникот покажува дека локацијата е расчистена и таму има градежна опрема.

Аналитичарите од Центарот за проучување на нуклеарното оружје „ Џејмс Мартин“ при Институтот за меѓународни студии во Мидлбери веруваат дека на ова место се вршат ископувања.

Тој пат оди и во планините, па може да значи дека тие копаат некаква конструкција што ќе биде во предниот дел и дека ќе има тунел на планините – вели Џефри Луис, експерт во институтот што ја проучува иранската нуклеарна програма.

Мисијата на Иран во ОН не одговорила на барањето за коментар. Али Акбар Салехи, шеф на Организацијата за атомска енергија на Иран, минатиот месец за државната телевизија изјави дека уништениот надземен објект се заменува со објект во срцето на планините околу Натанц.

Рафаел Гроси, генерален директор на Меѓународната агенција за атомска енергија, во вторникот изјави дека неговите инспектори се запознаени со градбата. Тој рече дека Иран претходно ги информирал инспекторите на МААЕ, кои продолжуваат да имаат пристап до локациите во Иран и покрај распадот на нуклеарниот договор.

Тоа значи дека тие почнале, но ништо не е завршено. Тоа е долг процес – вели Гроси.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.