САД воведоа санкции против Управата за воена индустрија на Турција и четворица високи официјални личности од раководството на оваа институција. Американскиот Стејт департмент соопшти дека мерките се донесени поради турската набавка на рускиот ракетен систем С-400. 

И покрај предупредувањата, Турција продолжи со набавката и тестирање на рускиот систем С-400. Денешните санкции против турската воена индустрија целосно ја демонстрираат волјата на САД за почитување на Актот за спротивставување на противнците на Америка со санкции (КААТСА) – истакна државниот секретар Мајк Помпео во Твитер порака. 

Помпео додаде дека САД нема да толерираат крупни зделки со одбранбениот сектор на Русија. 

Санкционирани се раководителот на Управата за воена индустрија, Исмаил Демир, неговиот заменик Фарук Јигит, началникот на одделот за противвоздушна одбрана и вселената, Серхат Генцоглу, и раководителот на програмата на регионалната Управа на системот за противвоздушна одбрана, Мустафа Алпер Дениз.

Санкциите предвидуваат замрзнување на нивнииот имот во САД и забрана за патување во земјата. 

По објавувањето на санкциите, МНР на Турција ја осуди постапката на Вашингтон со соопштение дека Американците направиле голема грешка.

Турција најави дека му возврати на Вашингтон на начин што ќе го смета за неопходен, бидејќи повеќепати го повикуваше ова прашање да го надминат со дијалог.

Турското Министерство за надворешни работи ги повика САД, кои се НАТО сојузник на Анкара, да ја сменат ваквата „неправедна одлука“ што може да им наштети на билатералните односи на двете земји.

Министерството проценува дека одлуката за воведување санкции е „необјаснива“, откако Вашингтон повеќепати ја одбил понудата на Анкара за формирање заедничка работна група.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.