Високи америкаснки официјални претставници веруваат дека има јасни индиции оти Русија планира да набави нови ирански беспилотни летала. Како што објави „Си-Ен-Ен“, САД веруваат дека Русите веќе неколку недели тренираат со ирански беспилотни летала кои ќе ги воведат во војната во Украина.

Од телевизијата додаваат дека тоа е најнов показател дека официјална Москва има намера да купи ирански беспилотни летала и да ги користи во Украина.

Во изминатите неколку недели, руските официјални лица тренираат во Иран како дел од договорот за пренос на ирански беспилотни летала во Русија – вели за Си-Ен-Ен, неименуван американски функционер.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, минатиот месец изјави дека нема коментар за прашањето околу беспилотните летала. Си-Ен-Ен минатиот месец, цитирајќи го американскиот советник за национална безбедност Џејк Саливан, објави дека руска делегација посетила воздухопловна база во централен Иран најмалку двапати месечно за да ги проучува воените беспилотни летала.

Во јуни, Иран и ги покажа на Русија своите беспилотни летала Шахед-129 и Шахед-191 во базата Кашан, јужно од Техеран. И двата модели можат да носат проектили со прецизно наведување.

Саливан во јули изјави дека Вашингтон верува дека Иран ќе и продаде на Русија стотици беспилотни летала кои Москва би можела да ги користи во војната во Украина.

Украинската војска користи беспилотни летала Бајрактар ​​од турско производство за уништување на руски командни пунктови, тенкови и ракетни системи земја-воздух. Досега Русите го користеа домашното производство Орлан-10 за извидувачки летови и електронско војување. Сепак, Си-Ен-Ен пишува дека Русите имаат проблеми да ги надополнат празните магацини, поради што, како што сметаат американските власти, се обратиле кон Иран.

Истовремено и Украина се обидува да ги засили своите редови со беспилотни летала. Киев бара од САД помоќни беспилотни летала, како што е беспилотното летало „Сив орел“, но Пентагон засега ја одложува испорката, бидејќи стравува дека Москва ќе го сфати тоа како провокација, што би можело да доведе до ескалација на конфликтот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.