Американскиот специјален пратеник за Cеверна Кореја, Сунг Ким, порача дека неодамнешните тестови на балистички ракети на Cеверна Кореја биле „загрижувачки и контрапродуктивни“ за напорите за намалување на тензиите. Истовремено, Ким истакна дека официјален Пјонгјанг треба да се вклучи во преговори наместо да спроведува такви активности.

Обраќајќи им се на новинарите по средбата со неговиот јужнокорејски колега во Сеул, специјалниот пратеник на Вашингтон потврди дека САД се посветени на истражување на „одржлива и суштинска дипломатија“ со Cеверна Кореја.

Нашата цел останува целосна денуклеаризација на Корејскиот полуостров. Затоа, ние веруваме дека неодамнешното тестирање на севернокорејската балистичка ракета, уште едно од неколкуте во изминатите шест недели, е загрижувачко и контрапродуктивно за постигнување напредок кон траен мир на Корејскиот Полуостров – нагласи Ким.

Досега, Пјонгјанг ги отфрлаше американските апели, обвинувајќи ги Вашингтон и Сеул дека зборуваат за дипломатија додека ги зголемуваат тензиите со сопствените воени активности.

Минатиот четврток Пјонгјанг оцени дека реакцијата на САД на тестирањето на балистичка ракета лансирана од подморница е претерана и тврдат дека се работи за одбранбено оружје.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.