Американското Министерството за здравство соопшти дека денеле одлука да се распределат сите преостанати вакцини против Ковид-19 со кои земјата располага, наместо половина да се остават за втората доза. Како што веат од Министерството, ваквата одлука се прави во обид да се вакцинираат што повеќе луѓе.

Министерот Алек Азар за телевизијата „Еј-Би-Си“ изјави дека производството на вакцини на „Фајзер“ и „Модерна“ сега е „сосема предвидливо“ и дека сите дози можат да се распределат одеднаш, пресметувајќи дека лабораториите навремено ќе ги обезбедат потребните количества за втората доза.

Вакцините на „Фајзер“ и „Модерна“, што се одобрени во САД, се даваат во две дози, во распон од три до четири недели.

Со промена на одлуката да не се задржи половина од залихите, властите се надеваат дека ќе го зголемат бројот на луѓе кои можат брзо да ја примат вакцината.

Новоизбраниот претседател Џо Бајден пред неколку дена изјави дека и неговата администрација, која ќе ја преземе власта за седум дена, исто така, ќе заземе таков пристап.

Темпото на вакцинирање е забрзано во последните неколку недели, бидејќи досега околу девет милиони луѓе ја примиле својата прва доза, но, експертите наведуваат дека темпото треба уште повеќе да се забрза и дека на државните и локалните надлежни институции им се потребни повеќе ресурси и поддршка.

Од 25 милиони дози распределени низ сојузните држави, Американците досега примиле само 8,9 милиони дози од вакцините.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.