Официјален Вашингтон очекува Анкара да ги разјасни одлуките на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган за прогласување персона нон грата на амбасадори на 10 држави. Меѓу нив е и шефот на дипломатската мисија на САД, соопшти Стејт департментот.

Претходно, претседателот на Европскиот парламент, Дејвид Сасоли ги оквалификува акциите на Турција како авторитарна тенденција.

Ердоган прогласи за персона нон грата амбасадори на 10 западни држави. Мерката што ја најави Ердоган е затоа што дипломатите изразиле поддршка и побарале ослободување на турскиот активист Осман Кавала.

Кавала, соработник на бројни граѓански групи, кое е во затвор четири години, обвинет е за финансирање протести низ целата земја во 2013 година и за вмешаност во неуспешниот државен удар во 2016 година. Тој остана во притвор додека трае неговото последно судење и ги негира обвиненијата.

Во заедничката изјава на 18 октомври, амбасадорите на Канада, Данска, Франција, Германија, Холандија, Норвешка, Шведска, Финска, Нов Зеланд и САД повикаа на праведно и брзо решавање на случајот на Кавала и за негово „итно ослободување“.Тој се наоѓа в затвор без пресуда, иако Европскиот суд за човекови права во декември 2019 година донесе одлука за негово ослободување.

Амбасадорите беа повикани од Министерството за надворешни работи, кое нивната заедничка изјава ја нарече неодговорна.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.