Администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден ги повика големите купувачи на нафта како Индија и Јапонија да продаваат нафта од стратешките резерви за да го спречат растот на цените, а САД, првпат упатија апел и до Кина.

Како што пренесуваат американските едиуми, САД се соочуваат со зголемени цени на бензинот и други трошоци, поради што американскиот претседател е под притисок, особено пред конгресните избори во 2022 година.

Организацијата ОПЕК + планира скромно да ја зголеми својата понуда во декември, за само 400.000 барели дневно, со образложение дека изгледите за побарувачка се неизвесни поради постојаното ширење на пандемијата на Ковид-19.

Во такви околности, администрацијата на Бајден побара од големите купувачи на нафта како Индија и Јапонија, но првпат и од Кина, да размислат за трошење на нафта од стратешките залихи.

Членовите на тимот за национална безбедност на Бајден разговараа за потребата да се задоволи побарувачката за гориво – изјави во четвртокот портпаролката на Белата куќа, Џен Псаки.

Таа додаде дека за тоа постојано се зборува, со голем број партнери.

Во разговорите, меѓу другите, се вклучени Индија, Јапонија и Јужна Кореја.

САД во моментов имаат најголеми резерви на нафта во светот, нешто повеќе од 600 милиони барели, а ги продаваат во координација со своите сојузници уште од 2011 година, за време на војната во Либија. Координатор беше Меѓународната агенција за енергија (ИЕА), чии членки се САД, Јапонија и многу европски земји.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.