Руското Министерство за одбрана соопшти дека сите војници, кои биле дел од мировните сили испратени во Казахстан за да помогнат во смирувањето на ситуацијата по насилните немири во земјата, се вратиле во Москва.

Четири авиони со руски припадници на мировните сили, испратени од Организацијата на Договорот за колективна безбедност (ОДКБ), слетаа на аеродромот во Москва – соопштија од руското министерство.

ОДКБ го одобри испраќањето на контингент со повеќе од 2.000 војници на 5 јануари, на барање на казахстанскиот претседател Касим-Жомарт Токаев, откако избија насилни немири. Една недела по пристигнувањето на силите, Токаев на 13 јануари изјави дека ја завршиле мисијата и најави нивно постепено повлекување.

Истовремено, претседателот на Казахстан го сменил министерот за одбрана Мурат Бектанов, критикувајќи го за наводно „отсуство на раководство“.

Не успеавме да го искористиме потенцијалот на армијата во критична ситуација поради несигурноста на раководството и бевме принудени да прибегнеме кон странска помош – изјави Токаев.

Протестите почнаа на 2 јануари во градот Алмати поради наглото зголемување на цените на горивото, но брзо се проширија низ целата земја и прераснаа во демонстрации проследени со немири во кои загинаа повеќе од 220 луѓе.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.