Русија побара од својот Врховен суд да го прогласи украинскиот Азовски полк за терористичка организација.

Според руската новинска агенција Интерфакс, Министерството за правда во Москва соопштило дека судскиот случај „за прогласување на украинската паравоена националистичка група „Азов“ (други употребени имиња: баталјон „Азов“, полк „Азов“) како терористичка организација и забраната за нејзините активности на територијата на Руската Федерација е закажан за судење на 26 мај“.

Ова се случува во момент кога украински борци, од кои многумина се припадници на Азовскиот полк, се евакуирани од челичарницата Азовстал.

Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков претходно одби да коментира дали бранителите на челичарницата – кои сега се во руски притвор – ќе бидат третирани како воени затвореници или како воени злосторници.

Азовскиот полк е формиран во 2014 година, веднаш откако Москва го анектираше јужниот украински полуостров Крим, за да се бори против руските сили и проруските бунтовници во источниот регион Донбас.

Некои борци од Азов првично имале врски со националистички и екстремно десничарски групи. Полкот подоцна беше вклучен во Националната гарда на Украина.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.