Рускиот милијардер Аркадиј Ротенберг, кој важи за близок до претседателот Владимир Путин, соопшти дека тој е сопственикот на палатата на Црното Море за која опозицискиот лидер Алексеј Навални тврди дека била на рускиот претседател.

Пред неколку години, успеав да постигнам договор со доверителите и станав корисник на таа зграда – соопшти Ротенберг во соопштението што го пренесе неговата канцеларија за печат.

Тој додава дека има намера зградата да ја претвори во хотел.

Сè е направено професионално и се надевам дека ќе го завршиме хотелот за неколку години – вели бизнисменот, кој бил поранешен партнер на Путин за џудо.

Во видео објавено на „Јутјуб“, Навални го обвини Путин дека користи огромна и раскошна палата на брегот на Црното Море, чија изградба чинела повеќе од милијарда евра.

Путин ги негираше обвинувањата, за кои тврди дека имаат за цел „перење на мозокот“ на Русите и нивно поттикнување на протести.

Руската државна телевизија објави снимки од зградата на кои се гледа дека и натаму траат градежни работи и дека е далеку од луксузот што го опишува Навални, што, пак, се наведува како доказ за неговите манипулации.

Сојузниците на опозицискиот лидер тврдат дека работата на резиденцијата е во тек поради градежни пропусти и дека Владимир Путин е нејзиниот вистински корисник.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.