Руски и кинески стратешки бомбардери, како дел од првата заедничка воена вежба по руската инвазија на Украина, летаа во близина на Јапонија и Јужна Кореја во демонстрација на сила со остра порака до администрацијата на американскиот претседател Џозеф Бајден, кој ја заврши посетата на регионот во обид за зајакнување на регионалните сојузи наспроти растечкото партнерство меѓу Москва и Пекинг, пренесува Радио Слободна Европа (РСЕ).

Руските и кинеските бомбардери летаа во заеднички патроли на 24 мај, во близина на јапонската и јужнокорејската воздушна одбранбена зона во знак на „збогување“ со Бајден, кој ја заврши четиридневната посета на Азија.

Патролите, како дел од заедничката кинеско-руска воена вежба, следеа неколку часа откако Бајден го налути Пекинг велејќи дека е подготвен да одговори воено во случај на кинески напад на Тајван, но и додека разговараше за реакциите на руската инвазија на Украина со лидерите на КВАД, групата која ги вклучува Австралија, Индија, Јапонија и САД.

Посетата на Бајден на Азија беше дел од напорите на САД да се спротивстави на она што Вашингтон го нарекува „насилно“ однесување на Пекинг, не само кон Тајван, за кој Кина тврди дека е дел од нејзината територија. Американскиот претседател вети дека Вашингтон ќе застане на страната на своите сојузници и партнери во залагањето за слободен и отворен индо-пацифички регион.

Заедничката руско-кинеска патрола траеше 13 часа над Јапонското Море и Источно Кинеското Море, а на неа присуствуваа руски стратешки бомбардери Ту-95 и кинески бомбардери Ксиан Х-6, соопшти руското Министерство за одбрана, додека кинеското Министерство за Одбрана соопшти дека тоа е дел од годишната воена вежба.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.