Рускиот дипломат Михаил Улјанов ги повика Обединетите нации да интервенираат за да се осигура безбедноста на украинската нуклеарна централа Запорожјe, која е предмет на гранатирање веќе неколку недели, јави ДПА.

Задача на Секретаријатот на ОН е „да даде зелено светло за посета на нуклеарната централа од страна на експерти од Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ)“, изјави Улјанов за руската државна новинска агенција Тас во денеска објавеното интервју.

Дипломатот, кој ја претставува Русија во МААЕ, рече дека по таковото одобрување меѓународната организација ќе се погрижи за „модалитетите на патувањето во проблематичниот регион“.

Според медиуми, ОН досега не му дозволиле на шефот на МААЕ Рафаел Гроси да отпатува, не само од безбедносни причини, туку и поради спор околу маршрутата.

Гроси би можел да патува под руска заштита преку црноморскиот полуостров Крим, кој беше анектиран од Москва во 2014 година, но тоа ќе биде сфатено како навреда за Киев.

– Ние соработувавме многу блиско со организацијата во мај/јули и ја подготвивме посетата. Секретаријатот на ОН ја блокираше во последен момент без да ги објасни причините, рече Улјанов.

Украина и Русија со недели меѓусебно се обвинуваат за гранатирање на најголемата нуклеарна централа во Европа, со што ризикуваат нуклеарна катастрофа.

– Не можете да испратите меѓународен тим под постојан артилериски оган. Тоа е главната пречка, рече Улјанов.

Украина ги обвинува руските војници дека ја користат нуклеарната централа како тврдина од која пукаат врз малите градови Никопол и Марханез, кои се наоѓаат на другиот брег на акумулацијата Дњепар.

Од друга страна, Русија тврди дека Украина ја гранатира фабриката со беспилотни летала, тешка артилерија и ракетни фрлачи.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.