Руската вицепремиерка Татјана Голикова ја повика владата од 30 октомври до 7 ноември да воведе неработни денови за да го спречи натамошниот рекорден раст на бројот на новозаразени со Ковид-19 и смртните случаи.

Русија денеска има 1,015 смртни случаи како последица на Ковид-19, што е најголем дневен број од почетокот на пандемијата. Во последните 24 часа, во неа се регистрирани и 33.740 нови случаи на инфекцијата.

Регионот крај Москва остана без болнички кревети за пациентите со Ковид-19 – изјави денеска гувернерот.

Кремљ со недели наназад им порачува на жителите на Москва и цела Русија поактивно да се вклучат во кампањата на вакцинирање, бидејќи само 32 проценти од руското население е вакцинирано, а руските власти неодамна рекоа дека тоа е „неприфатливо“.

Постои традиција да се обвинува државата за се. Се разбира, државата го чувствува и го призна својот дел од одговорноста – изјави денеска портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, признавајќи, сепак, дека можело да се стори повеќе за на јавноста да и се објасни важноста на вакцинацијата.

Но, сега ни треба одговорен однос на сите наши граѓани, потенцираше Песков.

Сите ние мора да покажеме одговорност и да се вакцинираме – додаде тој.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.