Претседателот на Одделот за надворешни односи на Руската православна црква, митрополитот волоколамски Иларион, изјави дека ќе биде најдобро ако Франција, како и другите земји, го воведат законот што го има Русија во врска со навредувањето на чувствата на верниците.

Коментирајќи го неодамнешниот терористички напад во Франција, митрополитот Иларион рече дека ќе биде подобро ако е забрането да се цртаат карикатури на Мухамед.

Иларион оцени и дека по првиот терористички напад, Франција „не научила доволно за моменталната опасност“, иако е јасно дека станува збор за карикатура на човекот кој го основал исламот, и со самото тоа се навредени чувствата на милиони луѓе.

Да потсетиме, напаѓачот кој уби три лица во Ница беше идентификуван како 21-годишен Тунижанец, кој неодамна пристигнал во Франција преку Лампедуза.

Набргу потоа, во Авињон, друг човек се обидел да ја нападне полицијата со извици „Алаху акбар“. Во исто време, во Џеда, напаѓач избоде стражар во францускиот конзулат. Тој е повреден, но не е во животна опасност.

Во таа насока, францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека неговата земја е повторно мета на тероризам и најави построги безбедносни мерки и вклучување на воените сили.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.