Русија ги предупреди земјите-членки на ОН дека доколку гласаат „за“ или бидат воздржани во врска со барањето на САД да биде суспендирана од Советот за човекови права, таа ќе го смета за „непријателски гест“ што ќе има последици за нивните билатерални односи, се вели во нотата, во која денеска имале увид некои западни медиуми.

САД во понеделникот објавија дека ќе бараат Русија да биде суспендирана од Советот за човекови права на ОН, откако Украина ги обвини руските војници за убиство на стотици цивили во Буча. Генералното собрание на ОН, кое има 193 членки, утре ќе гласа за ова барање. Земјата може да биде суспендирана од Советот за човекови права на ОН, со седиште во Женева, поради грубо и систематско кршење на човековите права.

Руската мисија во ОН ги повика државите „да се спротивстават на антируската резолуција“. Засега не е познато колку земји ја примиле нотата. „Вреди да се спомене дека не само поддршката за оваа иницијатива, туку и еквидистантна позиција при гласањето – воздржување или неучество – ќе се смета за непријателски гест“, се додава во нотата.

„Покрај тоа, позицијата на секоја земја ќе биде земена предвид при развојот на билатералните односи и работата на прашања кои се важни за нив во рамките на ОН“, додаде тој. Руската мисија во ОН одби да го коментира писмото бидејќи не е јавно објавено.

Очевидната и отворена закана на Русија кон земјите кои би гласале да биде суспендирана од Советот за човекови права на ОН, е само нов доказ дека Русија мора веднаш да биде суспендирана од Советот за човекови права на ОН“, изјави денеска портпаролката на американската мисија во ОН, Оливија Далтон.

Од руската инвазија врз Украина на 24 февруари, Генералното собрание на ОН усвои две резолуции со кои се критикува Русија. Москва тврди дека спроведува „специјална операција“ за демилитаризација на Украина.

Русија негира дека нападнала цивили во Украина, а рускиот амбасадор во ОН Василиј Небензја вчера изјави дека додека Буча бил под руска контрола, „ниту еден цивил не доживеал никакво насилство“.

Во март 2011 година, Генералното собрание на ОН едногласно ја суспендираше Либија од Советот за човекови права поради насилство врз демонстрантите извршени од силите лојални на тогашниот либиски лидер Моамер Гадафи.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.