Американскиот весник „Вашингтон пост“ објави дека Русија подготвува офанзива врз Украина која би вклучувала до 175.000 војници. Според весникот, такво нешто ќе се случи веќе следната година.

Москва се подготвува да почне офанзива со „100 баталјони составени од тактички групи со проценета сила од 175.000 луѓе“, а во офанзивата ќе бидат вклучени и тенкови, артилерија и друга опрема – изјавил за весникот неименуван висок американски функционер.

Пентагон одбил да ги коментира информациите, но изразил голема загриженост поради „агресивните планови на Русија против Украина“.

Продолжуваме да поддржуваме намалување на тензиите во регионот и дипломатско решение на конфликтот во источна Украина – изјавиl портпаролот на Пентагон, Тони Семелрот.

Руските сили сега се концентрираат на четири различни локации со 50 борбени тактички групи, тврди „Вашингтон пост“, повикувајќи се на еден американски воен документ.

Претседателите на САД и Русија, Џозеф Бајден и Владимир Путин, наскоро треба да разговараат за тензиите околу Украина на видеосредба, седум години по руската анексија на полуостровот Крим и бунтот на проруските сепаратисти во источниот дел на Украина.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.