Руските власти негираат дека ги евакуираат дипломатите од Украина, јавија руските медиуми.

Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи Марија Захарова изјави дека руската амбасада во Киев работи вообичаено. Нејзината изјава дојде како одговор на извештај на Њујорк Тајмс дека Москва почнала да ги евакуира семејствата на персоналот од своите дипломатски мисии во Украина.

Американските новинари ја загубија навиката да проверуваат информации што ги објавуваат – изјави Захарова.

Њујорк тајмс цитираше податоци од висок украински функционер кој тврди дека на 5 јануари 18 лица, главно членови на семејства на руски дипломати, ја напуштиле Украина, а во следните неколку дена уште околу 30 ја напуштиле амбасадата во Киев и Конзулатот во Лвов, Западна Украина. Дипломатите од два други руски конзулати добиле, според весникот, инструкции да се подготват за напуштање на земјата.

Украинското МНР соопшти дека не добило никакви информации од Русија за повлекување на персоналот од нејзините дипломатски мисии. Киев, пак, исто така не планира да ги евакуира украинските дипломати од Русија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.