Официјална Москва изрази жалење што Европската Унија го отфрли француско-германскиот предлог за почнување дијалог со Русија со организирање самит со рускиот претседател, Владимир Путин.

Претседателот Путин останува посветен на воспоставување работни односи меѓу Москва и Брисел. Знаеме дека голем број земји се спротивставија на овој дијалог и знаеме дека тоа се пред се „нови“ членки, балтичките земји, Полска … и дека истите тие земји неосновано зборуваат за заканите од Русија – изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

Една недела по состанокот во Женева одржан меѓу Путин и американскиот претседател Џо Бајден, германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Емануел Макрон изразија желба да организираат состанок со рускиот претседател за да разговараат за прашања важни за ЕУ.

Сепак, таквиот предлог ги подели земјите-членки на Унијата кои не постигнаа консензус.

Балтичките држави, како и Полска, Шведска и Холандија се спротивставија на обновување на дијалогот, оценувајќи дека Путин е одговорен за агресивните потези против европските земји.

Портпарол на Кремљ истакна дека тие земји се оддалечуваат од Русија, „правејќи се што можат за да имаат повеќе војници на НАТО на своја територија“.

Односите меѓу ЕУ и Русија се влошени по почетокот на конфликтот во Украина во 2014 година. Оттогаш не е одржан заеднички самит.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.