Русија воведе забрана за емитување на германскиот меѓународен радиодифузер „Дојче веле“, ја затвора неговата канцеларија во Москва и ќе ја одземе акредитацијата на новинарите од тој медиум, соопшти Министерството за надворешни работи во Москва.

Потегот на Москва е одговор на вчерашната одлука на германскиот регулатор, кој ги блокираше преносите на рускиот ТВ канал „РТ ДЕ“. Кремљ ја критикуваше таквата одлука како „ништо помалку од напад на слободата на говорот“.

Германската Комисија за лиценцирање и надзор (ЗАК), која е одговорна за регулирање на медиумите во Германија, му забрани на каналот на германски јазик „РТ ДЕ“ да емитува програма во земјата, наведувајќи дека нема дозвола за емитување.

„РТ“, поранешна „Раша Тудеј“, се емитува на меѓународно ниво на шест јазици и тврди дека нејзината програма на германски јазик придонесува за различноста на мислењата во Европа. Во меѓувреме, критичарите ја обвинуваат „РТ“ дека е гласноговорник на Кремљ и се користи за ширење пропаганда и дезинформации.

„Дојче веле“ или „ДВ“ е германски државен 24-часовен информативен канал финансиран од федералниот даночен буџет. Се емитува програма на германски, англиски, шпански и арапски јазик.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.