Вкупно 624 пациенти кои имале позитивен тест на коронавирус побарале да ја напуштат болницата и сега го зголемуваат ризикот од трансмисија на болеста во заедницата, изјави романскиот министер за здравство Нелу Татару. Дополнително повеќе од половината од 50,000 луѓе кои се наоѓале во задолжителна самоизолација по враќањето од странство ги напуштиле своите домови спротивно на советите на лекарите, јавуваат светските медиуми.

Денеска во Романија беа регистрирани 614 новозаразени од коронавирус, најголемото дневно зголемување од почетокот на пандемијата. Вкупниот број на заразени во 20-милионската држава е над 30 илјади луѓе, од кои починале 1,843.

Минатата недела Уставниот суд пресуди дека хоспитализацијата и наметнувањето карантин врз граѓаните кои се без или со лесни симптоми на Ковид-19 ги прекршуваат нивните основни права и не можат да се налагаат со владина уредба.

Во обид да ги ублажи последиците од судската одлука, владата подготвува нов сет правила во кои појасно ќе биде наложено кој треба да биде хоспитализиран или да остане во домашна изолација.

Владата предупредува дека поради новото ширење на заразата на земјата и се закануваат нови дополнителни ограничувања.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.