Министрите за надворешни работи на ЕУ посветиле голем дел од неформалниот состанок на Русија и на ситуацијата на украинската граница каде што се распоредени 150 илјади руски трупи.

Според високиот претставник за надворешната политика на ЕУ, Жосеп Борел, тоа е до сега највисокиот број на руски трупи на границата со Украина.

На неформалниот министерски состанок учествувал и украинскиот министер за надворешни работи, Димитри Кулеба, кој ги информирал партнерите за ситуацијата.

Зголемувањето на руската војска на границата е многу загрижувачки, 150 илјади руски трупи се наоѓаат на украинската граница и ризикот од ескалација е очигледен. Ја поздравуваме Украина и нејзината воздржана реакција и итно ја повикуваме Русија на деескалација – изјави Жосеп Борел на прес конференцијата по состанокот за надворешни работи на ЕУ.

Тој додаде дека ЕУ ја потврдила нејзина недвосмислена поддршка за суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина.

Министрите разговарале и за влошената здравствена состојба на рускиот опозиционер Алексеј Навални, кој попладнево е пренесен во затворска болница.

Шефот на ЕУ дипломатијата порача дека Навални треба да добие пристап до медицински персонал во кој има доверба.

Нашата заедничка порака до руските власти е дека тие се одговорни за неговата безбедност и неговото здравје и дека ќе бараме отчет од нив за тоа – предупреди Борел.

Чешкиот министер за надворешни работи ги информирал колегите за одлуката за протерување на осумнаесет руски дипломати од неговата земја поради експлозија во складиште за оружје во 2014. Според информациите на чешките разузнавачки служби сите тие дипломати биле руски агенти.

Борел потврди дека земјите на ЕУ искажале поддршка за Чешка, а Чешка од своја страна не побарала координирана акција за протерување на руски дипломати во другите земји членки на ЕУ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.