Цените на нафтата се искачија на 109 долари, откако ЕУ објави нови санкции за увоз на руската нафта за да ја казни Москва за наводните воени злосторства во Украина, со што повторно дојдоа до израз малите резерви.

На лондонскиот пазар цената на барелот во попладневните часови беше за 1,10 долари повисока од претходното затворање и изнесуваше 108,63 долари. На американскиот пазар барелот се тргувал по 1,12 долари повисока цена, од 104,40 долари.

Трговците денеска се фокусираа на најавите на западните земји дека ќе воведат нови санкции кон Русија за убиствата на цивили во Украина. Советникот за национална безбедност на американскиот претседател Џо Бајден изјави дека новите американски санкции кон Москва ќе бидат објавени оваа недела.

Германската министерка за надворешни работи Аналена Баербок рече дека забраната за јаглен ќе биде проследена со забрана за нафта, а потоа и гас.

Додека Европската унија работи на нови санкции кои би можеле да ја таргетираат руската нафтена индустрија, цените на суровата нафта може благо да пораснат на краток рок, рече аналитичарот на FXTM, Лукман Отунуга.

За да ги намалат цените, сојузниците на САД минатата недела одлучија да ја координираат продажбата на нафта од стратешките резерви, по втор пат во еден месец. Сепак, јапонскиот министер за индустрија Коичи Хагиуда рече дека Меѓународната агенција за енергија (ИЕА) сè уште работи на деталите. Понудата, сепак, се намали и Ирак денеска објави дека произведува 4,15 милиони барели нафта дневно во март, 222.000 барели помалку од квотата што ја доби според договорот меѓу Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) и нејзините сојузници, вклучително и Русија.

Некои други производители, како Ангола и Нигерија, исто така имаа потешкотии да ги пополнат квотите, поради недоволните инвестиции и проблемите со одржувањето, што дополнително го влошило проблемот со недоволното снабдување.

Во меѓувреме, Казахстан ја намали прогнозата за производство на нафта оваа година од 87,5 милиони на 85,7 милиони тони, откако бил оштетен терминалот на конзорциумот на Каспискиот гасовод во Русија. Аналитичарот на Saxo Bank, Оле Хансен, очекува барелот да чини помеѓу 90 и 120 долари во вториот квартал од годината.

Клучните настани кои би можеле да ја зголемат неизвесноста остануваат изгледите за договор за иранската нуклеарна програма, можна дозвола за Венецуела да го зголеми производството и, не помалку важно, можното зголемување на производството на нафта од шкрилци во САД, рече Хансен.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.