Ресторан во Сингапур почна да служи „пилешко месо“произведено во лабораторија. Според неговите творци, ваквиот потег може да помогне во намалувањето на штетата врз животната средина поврзана со производството на човечка храна.

Американскиот стартап „Ит џаст“ (Eat Just) претходно овој месец соопшти дека нивниот производ е одобрен за продажба во градот-држава како замена за пилешки медаљони откако Сингапур стана првата земја што дозволи продажба на месо создадено без колење животни.

Ресторанот „1880“ почна да служи месо произведено во лабораторија во саботата навечер (по локално време), велејќи дека првите клиенти за вечера биле ученици на возраст од 14-18 години, кои биле поканети на отворањето откако покажале „посветеност за изградба на подобра планета“.

Сепак, лансирањето на новото мени беше затворено за медиумите поради мерки против корона вирусот. Претприемачот Марк Николсон, основач на „1880“, го опиша служењето култивирано месо како „револуционерен чекор кон справување со климатските промени и создавање можност да го нахрани светот без да се преплави планетата“.

Извршниот директор на „Ит џаст“, Џош Тетрик, оваа недела коментираше дека потфатот на компанијата „нè приближува до свет каде што повеќето од месото што го јадеме нема да бара сечење шума, преместување на животно или користење дури и една капка антибиотици“.

Консумацијата на животни е закана за животната средина, бидејќи добитокот произведува стакленички гас метан, а сечата на шума поради создавање пасишта ги уништува природните бариери за климатските промени.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.