Британската Влада забрани влез за патници од Индија во Велика Британија, освен за британски државјани кои по пристигнувањето ќе мораат да заминат во карантин на свој трошок.

Ваквата одлука е донесена поради влошената состојба со пандемијата на Ковид-19 во Индија.

Донесовме тешка, но витална одлука да ја ставиме Индија на црвената листа – изјави британскиот министер за здравство, Мет Ханкок, пред пратениците во Долниот дом на Парламентот.

Со таа одлука се задолжува секој Британец или лице со постојан престој во Британија по влезот во земјата да замине во 10-дневен карантин во хотел на свој трошок.

Министерот истакна дека во Велика Британија се регистрирани 103 случаи на индиската мутација на вирусот, а повеќето од нив имаат врска со меѓународните патувања и се забележани на тестирањата на границата.

Ханкок нагласи дека примероците се анализирани за да се утврди дали новата мутација има загрижувачки карактеристики, како што е резистентноста на вакцините.

Тој изјави дека по проучувањето на податоците е донесена одлука од претпазливост за забрана на патувањата од петок.

Поради влошената епидемиолошка ситуација во Индија, британскиот премиер Борис Џонсон го откажа патувањето во таа земја, предвидено за крајот на овој месец. гт/

2021-04-19 20:01:26, од Габриела Точко

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.