Рускиот претседател Владимир Путин изјави денеска дека глобалните климатски промени претставуваат нови предизвици за Русија.

Тој тоа го изјави на традиционалната годишна прес-конференција во Москва, која почна со прашање за климатските промени.

Путин укажа дека глобалното затоплување може да претставува закана за руските арктички градови и места изградени на земјиште каде вечно има мраз.

Климатските промени можат да предизвикаат пожари, катастрофални поплави и други негативни последици – нагласи Путин.

За годинешната прес-конференција на Путин акредитирани се рекорден број новинари, дури 1.895. Тој секогаш претходно се подготвува за годишната конференција, а според портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, рускиот претседател по тој повод разговара со министрите, вицепремиерите и шефовите на федералните агенции за да добие најнови информации за општествената и економската ситуација во земјата.

Минатата година на овој настан биле акредитирани 1.702 новинара.

Ова е 15-та годишна прес-конференција на Путин, а првпат е одржана во 2001 година и тогаш ја следеле повеќе од 500 новинари. Таа прес-конференција била најкратка и траела еден час и 35 минути. Најдолгата прес-конференција била во 2008 година и траела четири часа и 40 минути.

Минатата година, Путин годишната конференција за новинарите ја одржа на 20 декември и траеше три часа и 43 минути.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.