Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека Русија е подготвена да испорача поголема количина гас доколку тоа го побара Европа, отфрлајќи ги тврдењата дека Москва ги намалила испораките од политички причини.

Ако побараат да го зголемиме количеството, ние сме подготвени да го сториме тоа. Ќе ја зголемиме испораката онолку колку што нашите партнери ќе побараат. Нема одбивање, никакво“, рече Путин на енергетската конференција во Москва.

Цените на гасот достигнаа рекордно ниво во Европа и светот овој месец, при што Кремљ ги отфрли обвинувањата дека Русија намерно го ограничува својот извоз за да создаде притисок за брзо одобрување на работата на новиот гасовод Северен тек 2 што ги поврзува Русија и Германија. САД и голем број европски земји се противат на овој проект.

Путин обвинувањето го нарече „целосна бесмислица“.

Портпаролот на Путин претходно изјави дека руската енергетска компанија Гаспром ја снабдува Европа со гас во максимални количини според сегашните договори и дека за било какво зголемување треба повторно да се преговара.

„Ништо не може да се испорача без договор“, рече Песков. „Како? Бесплатно? Тоа е предмет на преговори со Гаспром“.

Цената на големо на природниот гас достигна рекордно високи вредности во голем број европски земји, а сметките за домаќинствата и деловните субјекти веќе нагло пораснаа и може да станат уште повисоки со постудено време.

Зголемувањето на цените на енергентите во Европа е резултат на комбинација на фактори – економско закрепнување на светската економија по кризата со корона и долгата зима минатата година, помал опсег на снабдување во Европа и рекордно ниски залихи со гас на континентот и поголема побарувачка од други делови на светот како што е Источна Азија која плаќа повисока цена.

Европа се повеќе зависи од природниот гас поради напуштање на јагленот и нуклеарната енергија, а Русија и Норвешка, повикувајќи се на технички причини, ги намалија своите пратки.

На кризата не ѝ помогнаа ни природните фактори како послабите ветрови во Северното Море, од каде Велика Британија обезбедува една четвртина од својата енергија, и сушите во Бразил, што го намалија производствениот капацитет на хидроцентралите, пишува Волстрит Џурнал.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.