Претседателот на Русија, Владимир Путин, порача дека сака соседна Белорусија да ги реактивира замрзнатите планови за поблиска интеграција со Русија по новата изборна победа на долгогодишниот белоруски лидер, Александар Лукашенко.

Изјавата на Путин доаѓа во момент кога се одржуваат големи протести во таа земја бидејќи белоруската опозиција ги отфрли резултатите од претседателските избори, на кои Лукашенко извојува убедлива победа и бара разговори за мирен трансфер на власта.

Рускиот претседател долго време се залага за поблиски врски со Минск во единствена држава, идеја која Лукашенко досега ја отфрлаше, обвинувајќи ја Русија дека сака да ја проголта неговата земја со 9,5 милиони жители.

Белорусија е клучна транзитна земја за руската нафта на патот кон Запад, а Москва ја смета за корисна тампон зона во однос на НАТО.

Се надевам дека вашето државничко дејствување ќе придонесе за развој на заемно корисни руско-белоруски односи во сите области, продлабочување на соработката во рамки на Алијансата на Русија и Белорусија и зајакнување на процесите за интеграција – наведува Путин во телеграмата со честитка до Лукашенко.

Путин вели дека се надева оти Белорусија ќе избере и поблиски воено-политички врски со Русија во одбранбениот блок на кој тие заедно припаѓаат.

Лукашенко (65) сè уште не одговорил на пораката.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.