Претседателот на Русија, Владимир Путин потпиша Закон за измени во процедурата за формирање на Сенатот, горниот дом на Парламентот, во кој, меѓу другото, им се дозволува на поранешните претседатели на државата, доколку сакаат да бидат доживотни сенатори.

Според новиот Закон, поранешниот претседател се стекнува со статус на сенатор од моментот на поднесување на барањето до Советот на Федерацијата, за што има рок од три месеци од денот на престанокот на функцијата.

Законот дозволува и сегашниот претседател да назначува сенатори, од кои може да има најмногу 30, а само седум можат да имаат доживотно членство, додека останатите имаат мандат од шест години.

Законот може да важи само за државјани на Руската Федерација, над 30 години со беспрекорна репутација, кои трајно престојуваат во Русија, кои немаат странско државјанство или дозвола за престој или кој било друг документ со кој се потврдува нивното право на постојан престој во странска земја.

Лицата кои издржале тешки затворски казни или се обвинети за сериозни или умерени кривични дела нема да можат да ја извршуваат функцијата сенатор, како што е предвидено со овој закон, кој е објавен и веќе стапи на сила.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.