Претседателот на Русија Путин, потпиша низа закони со кои на државата и се даваат нови овластувања насочени кон ограничување на активностите на најголемите американски социјални мрежи, класифицирање на поединци во категоријата странски агенти и спречување откривање лични податоци на вработените во безбедносниот сектор.

Еден од новите закони и дозволува на Русија да го блокира или ограничи пристапот до веб-страници кои, како што се вели, ги дискриминираат руските медиуми, како дел од кампањата на Путин за зголемување на рускиот суверенитет на интернет, што го поттикнува стравот на корисниците од притаена интернет-контрола во кинески стил.

Во моментов „Твитер“ означува некои руски медиуми како „медиуми блиски до државата“, потег што официјална Москва го смета за навредлив. Оние кои го поддржуваат законот се жалат на предрасуди и во односот на „Фејсбук“, „Твитер“ и „Јутјуб“.

Вториот закон воведува големи казни, во износ до 20% од остварениот сообраќај од претходната година, за веб-страници со седиште во Русија, кои во повеќе наврати не отстрануваат забранети содржини, што, според мислењето на руските законодавци, и „Јутјуб“ и „Фејсбук“ често избегнувале да го прават.

Третиот закон забранува откривање на лични податоци на руски службеници за безбедност, како на пример снимки што понекогаш „протекуваат“ на интернет, а потоа ги користат истражувачките новинари.

Другите нови закони ќе овозможат воведување на двегодишна затворска казна за клевета на социјалните мрежи и воведување нови регулативи за забрана за финансирање на протести од таканаречени странски агенти, како и забрана на некои собири.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.