Рускиот претседател Владимир Путин денеска потпиша указ со кој се забранува испорака на руска нафта за земјите кои воведоа ценовни ограничувања на нафтата и нафтените деривати.

Во документот, кој е објавен на порталот за правни информации, се наведува дека испораките на руска нафта се забранети доколку во договорите директно или индиректно е наведено ограничување на цената.

Забраната за испорака на нафта ќе стапи во сила на 1 февруари 2023 година и ќе важи до 1 јули следната година, а датумот на забраната за испорака на нафтени деривати ќе го одреди руската влада, се вели во документот.

Според декретот, Путин може да даде посебна дозвола за испораки на нафта и нафтени деривати без оглед на ценовната граница.

Ограничувањето на цената на руската нафта од 60 долари за барел што го договорија ЕУ, Г7 и Австралија стапи во сила на 5 декември, како и ембаргото за увоз на руска нафта во ЕУ, со неколку исклучоци.

Одлуката за ограничување на цената на руската нафта на 60 долари за барел овозможува таа да се продава на трети земји користејќи танкери на земји од Г7 и ЕУ, нивните осигурителни компании и кредитни институции, но само ако нафтата се продава по цена под 60 долари за барел.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.