По разговорот на рускиот и францускиот претседател, со соопштение се јави Кремљ, и во него се наведува дека „никој не треба да ја зајакнува својата безбедност на сметка на другите земји“.

Елисејската палата се уште нема објавено соопштение на својата веб страница.

Рускиот претседател „му се пожалил“ на својот француски колега за тоа што Западот ги отфрлил руските предлози за постигнување деескалација во конфликтот со НАТО околу Украина.

Одговорите на САД и НАТО не ги земаа предвид основните грижи на Русија. Клучното прашање е игнорирано, а тоа е како САД и нивните сојузници имаат намера (…) да го спроведат принципот дека никој не треба да ја зајакнува нивната безбедност на штета на другите земји – се наведува во соопштението на Кремљ посветено на средбата меѓу двајцата лидери.

Според Кремљ, Русија ќе ја „одреди својата идна реакција“ откако детално ќе ги проучи одговорите на нејзините ривали.

Според проценките на Западот, повеќе од 100.000 руски војници се распоредени на украинската граница од крајот на 2021 година, поради што НАТО вели дека тоа значи оти е неизбежна инвазија на Украина од руските сили. Русија негира каков било план за инвазија, но смета дека е загрозена нејзината безбедност од проширувањето на НАТО, коешто се одвива веќе 20 години.

Затоа, таа ја услови деескалацијата со крај на политиката на проширување на Алијансата, особено со вклучување на Украина, но и враќање на западните воени распоредувања на границите од 1997 година. Сепак, САД и НАТО формално ги отфрлија овие барања во средата, притоа предлагајќи преговори за реципрочни ограничувања за распоредување на ракети со краток и среден дострел на двете ривалски нуклеарни сили во Европа, како и за воени вежби во близина.

Путин од своја страна, за време на разговорот со Макрон, подвлекол дека Русија сака да продолжи да работи на решавањето на конфликтот во источна Украина. Тој инсистирал на постоечкиот формат на разговори што ги обединува Москва, Киев, Берлин и Париз.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.