Додека Азербејџан слави, руските тенкови влегуваат во Нагорно Карабах. Јасно е кој е победник во војната во Јужен Кавказ. Покрај Ерменците, губитник е и меѓународната дипломатија, смета уредникот на „Дојче Веле“, Роман Гончаренко.

Анализа на „Дојче Веле“, Бон 

Заврши новата војна во Нагорно Карабах, што почна пред околу месец и половина. Но, од ноќта меѓу понеделникот и вторникот, ненадејно најавените преговори за прекин на огнот не ги завршуваат само борбите. Тоа ја менува и моменталната статус кво состојба во Јужен Кавказ. Договорот предвидува Азербејџан во следните недели да добие враќање на контролата врз големи делови од својата поранешна, претежно ерменска, и речиси 30 години отцепена провинција Нагорно-Карабах, како и врз околните окрузи.

Азербејџанскиот претседател Илхам Алијев, се покажа како победник. Но, победници се и Турција, која го поддржа Баку, но, пред, се Русија, која сега ги стационира своите мировни трупи во Нагорно Карабах. Двете сили имаат изградено влијание во регионот.

Неуспешно мировно решение

Губитници се Ерменија и меѓународно непризната Република Нагорно Карабах, која Ерменија ја поддржува. Но, не само тие. Како прво, губитник е дипломатијата. Решение се бараше речиси три децении под покровителство на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ). Но, без успех. Конфликтот во Нагорно Карабах од 1994 година беше само замрзнат.

Ова секако може да се сфати како успех, но „Минската група“, предводена од Русија, САД и Франција, која беше одговорна за преговорите, се покажа како немоќна. Безброј предлози за примирје беа одбиени и од Азербејџан и од Ерменија. И тоа се додека Баку не почувствува дека е доволно силен и дека е можно „воено решение“, како што кажа и претседателот Алијев. Така, тој сега триумфира, а од мировното решение за замрзнатиот конфликт, што го пропагираше Западот, останаа само урнатини.

Кога војната во Нагорно-Карабах повторно изби на крајот на септември, ОБСЕ рутински се ограничи на повиците за прекин на насилството. Но, дипломатија што се води само преку инсистирање на волја може само да изгуби. По неколку недели жестоки борби, Азербејџан создаде нова реалност. И сега, дури и без ОБСЕ, постигнат е чекор напред. Затоа, во таа смсила се поставува прашањето дали воопшто е потребна „Минската група“. Тие структури веќе немаат што да кажат во Нагорно Карабах. Можно е сега да бидат лансирани нови формати, во кои ќе учествува и Турција.

Западот повторно му дозволува на Путин да прави што сака

А Русија? Претседателот Владимир Путин уште еднаш покажа дека може и сака да ја користи својата армија како политички инструмент. Па дури и кога тој демонстративно стои настрана и ги остава другите да дејствуваат – во овој случај Илхам Алијев. Иако Ерменија е во воен сојуз со Русија, Кремљ со недели ладно објаснуваше дека Москва ќе се вмеша во конфликтот само доколку во војната биде нападната ерменската територија.

Кремљ интервенираше само кога условите беа поволни од руска гледна точка. Путин се грижеше за ослабување на ерменскиот премиер Никол Пашињан. Патот на Пашињан до власта водеше преку улична револуција, која Москва со тешко срце ја прифати. Од друга страна, Русија виде добра можност, покрај воените бази во Ерменија, конечно да ги стационира своите воени трупи и во регионот Нагорно Карабах. Ереван со години беше против руските мировници, но мораше да се согласи поради претстојниот пораз во Нагорно Карабах.

Западот со тоа повторно теренот му го препушти на Путин – исто како во Грузија, Украина и Сирија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.