Најмалку три лица загинаа, а едно е тешко повредено кога вооружен напаѓач отвори оган врз своите колеги во фабрика во северниот дел на Мериленд, САД.

23-годишниот напаѓач, кој полицијата не го идентификуваше, подоцна беше ранет во размена на оган со силите на редот додека се обидуваше да избега со автомобил, изјави на прес-конференција шерифот на округот Вашингтон Даглас Мулендор.

Осомничениот е префрлен во локална болница поради прострелни рани во најновата серија масовни престрелки што ги погодија САД.

Мулендор одби да ги соопшти околностите или можните мотиви за нападот, но рече дека напаѓачот и сите негови жртви биле вработени во компанијата Columbia Machine во Смитсбург, северен Мериленд, во близина на државната граница на Пенсилванија.

Тој рече дека напаѓачот користел полуавтоматски пиштол.

Компанијата доставува опрема за производство на бетон на клиенти во над 100 земји.

Канцелариите на Федералното истражно биро (ФБИ) во Балтимор и американското биро за алкохол, тутун, огнено оружје и експлозиви соопштија дека испратиле агенти на местото на настанот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.