Владејачката коалиција победи на изборите во Исланд според конечните резултати објавени во неделата вечерта, и првпат во парламентот (алтинги) ќе има повеќе жени 33 отколку мажи 30, според локалниот радиодифузер RUV.

На парламентарните избори кои се одржаа на Исланд во саботата, според јавната телевизија, Партијата на независноста освоила 24,4 отсто од гласовите и 16 мандати во парламентот, а следи Прогресивната партија со 17,3 отсто и 13 мандати. На третото место е Лево-зеленото движење со 12,6 отсто или 8 мандати, предводено од премиерката Катрин Јакобсдоутир.

Со тоа тричлената владејачка коалиција освоила мнозинство со 37 пратеници во 63-члениот алтинги. Другите политички субјекти, меѓу кои и Пиратската партија освоиле помалку од 10 отсто од гласовите.

Како што пренесува агенцијата AFP, трипартитната коалиција која од 2017 година ја води земјата придонесе за стабилизирање на ситуацијата. Но во моментов сѐ уште не е јасно дали има согласност од партиите и натаму да учествуваат заедно во власта и да дејствуваат како обединет форнт.

Од вкупното 63 мандати во еднодомниот парламент на Исланд, 54 се распоредуваат според резултатите од гласањето во шесте изборни единици, а деветте преостанати мандати им припаѓаат на други партии. Составите на најстариот парламент во светот, кој се смета дека функционира повеќе од илјада години, се избираат на секои четири години.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.