Во своето прво обраќање до нацијата откако беше прогласен за нов претседател на САД, Џо Бајден се заложи за единство и разбирање по четирите години на власт на претседателот Доналд Трамп.

Дојде време Америка да се обедини – порача Бајден.

Тој го одржа говорот во Вилмингтон, Делавер, неговото постојано место на живеење.

 

Ветувам дека ќе бидам претседател кој ја обединува нацијата… Јас сум демократ, но ќе работам напорно како Американец. Народот го кажа своето, тие ни ја обезбедија победата. Сакам да бидам претседател кој нема да разединува, туку што обединува, претседател што не гледа сини и црвени држави, туку Соединети Американски Држави – истакна Бајден

Тој најави дека ќе даде се од себе Америка да ја направи почитувана низ целиот свет.

Јас сум сопруг на Џил и не би бил тука без неа. Џил ќе биде одлична прва дама, рече избраниот претседател, дополнувајќи дека не би бил тука вечерва без љубовта на неговата сопруга, деца, внуци и целото семејство – порача Бајден.

Новоизбраниот американски претседател се заблагодари и на Камила Харис, која со него е избрана за потпретседателка на САД.

Бајден, исто така, им се заблагодари на сите што овозможија одржување на изборите среде пандемијата.

Тој потенцираше дека го разбира разочарувањето на приврзаниците на Трамп.

Јас изгубив неколкупати. Но сега, ајде да си дадеме шанса едни на други. Ова е време за заздравување на Америка. Ајде да бидеме онаква нација каква што можеме да бидеме. Избран сум од демократите но ќе бидам претседател и за оние што не гласаа за мене…Треба да престанеме да гледаме на опонентите како на непријатели. Да ја завршима тажната ера на демонизаиција, овде и сега – истакна Бајден.

На поддржувачите на актуелниот претседаел, Доналд Трамп, им порача да му дадат шанса. Бајден потоа цитираше извадоци од Бибилјата кои завршуваат со зборови „време е за исцелување“.

Тој порача дека неговата Администрација ќе соработува напорно и ефективно со научната заедница на САД за да се победи пандемијата, дека ќе гради просперитет и ќе им се дава „праведна можност на сите“. Дека ќе се изгради здравството и усоврши американската демократија.

Избраната потпретседалка, Камала Херис, во најавата за настапот на Бајден истакна дека „се раѓа нов ден за Америка“. Харис, сенаторка од Демократската партија од Калифорнија, е првата Афроамериканска жена на таа позиција. Таа има индиско и јамајканско потекло.

 

Избравте надеж, наука и вистина. Го избравте Џо Бајден за следен претседател на САД – истакна Херис.

Таа го опиша Бајден како стабилен и цврст човек, а за неговата сопруга Џил рече дека ќе биде одлична прва дама. Таа исто така им се заблагодари на сите жени кои работеа за правото на глас на жените.

Херис, исто така, им се заблагодари на сопругот, мајка си и целото семејство.

Можеби сум првата жена на оваа позиција, но не сум последна. Бидејќи ова е земја на можности. Сонувајте со амбиција. За Американците, без оглед за кого гласавте. Ќе му бидам потпретседателка на Џо, како што беше тој на Барак Обама – потенцираше досегашната сенаторка.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.