Премиерот на пацифичкото кралство Тонга, Похива Туионетоа, соопшти дека во земјата е регистриран првиот случај на Ковид-19 од почетокот на пандемијата.

Тонга, островска држава што е лоцирана на околу 2.300 километри северно од Нов Зеланд, ги затвори границите на почетокот од пандемијата и досега немаше заболени лица.

Вирусот е потврден кај патник кој се враќал од Нов Зеланд. Тој заедно со другите 214 лица од авионот, што плетал од градот Крајстчрч, се изолирани и ставени во карантин по нивното враќање во Тонга на 27 октомври.

Во авионот имало сезонски работници и некои претставници на олимпискиот тим на Тонга кои заглавија во Нов Зеланд на враќање од Олимписките игри во Токио. Ним не им беше дозволено да влезат во Тонга со недели откако беа откриени случаи на Ковид-19 во Нов Зеланд.

Премиерот Туионетоа ги повика жителите на Тонга да се подготват за можни ограничувања и да се вакцинираат.

Во Тонга се вакцинирани 48 отсто од населението со прва доза, а 31 отсто се целосно вакцинирани.

Здравствените власти на Нов Зеланд во последните 24 часа потврдија два случаи на Ковид-19 во Крајстчерч, што се први инфекции во градот по една година. Министерството за здравство на Нов Зеланд соопшти дека патникот имал негативен наод пред да замине од Нов Зеланд.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.