Пoвеќе десетици илјади демонстранти излегоа во саботата на улиците на австриската престолнина Виена, во повеќе градови во Франција и Германија, како и во турскиот мегалополис Истанбул, протестирајќи против епидемиолошките мерки воведени поради пандемијата на коронавирусисот, пренсуваат светските агенции.

Околу две илјади демонстранти излегоа на протестот во Виена, барајќи слобода и осудувајќи ги епидемиолошките мерки кои ги воведе австриската влада за справувањето со коронавирусот, и барајќи оставка од конзервативниот премиер Себастијна Курц. Уште минатата седмица се огласија противниците на рестриктивните мерки, откако паузираа неколку месеци и ја објавија „својота должност да ѝ дадат отпор на неправдата“.

Австрија беше меѓу првите европски земји кои ги воведе здравствените пропусници. Во моментов во хотелите, рестораните, спортските сали, музеите, како и на фризер или при влез на спортска или култирна приредба мора да се приложи негативен тест, потврда за антитела или доказ за целосно вакцинирање.

Од избувнувањето на пандемијата во раната пролет 2020 година, Австрија која има 8,9 милиони жители пријави близи 11.000 смртни исходи од Covid-19. До саботата близу 60 отсто од населението е вакцинирано со двете дози.

И на улиците на Франција во саботата, деветта седмица по ред, излегоа демонстрантите. Тие ги осудуваат здравствените пропусници, пред стапувањето на сила на обврската за задолжително вакцинирање за здравствените работници.

Во Лил, Клермон-Феран и Париз, негувателите, медицинските сестри и физиотерапевтите им се придружија на протестните поворки осудувајќи ја споменатата мерка кој ќе стапи на сила следната среда со закана за суспендирање од работното место.

Во Париз, протестот на „патриотизмот“ кој го води Флориан Филипо, поранешниот втор човек на десната партија на Марин Лепен, собра неколку илјади луѓе на Плоштадот Трокадеро. Демонстрантите ги осудуваат здравствените пропусници како „варварство“, фактор на „сегрегација“ или на „апартхејд“.

Задолжителна од 21-ви јули на местата каде што се собираат повеќе од 50 лица, здравствената пропусница сега е неопходна и на влезовите во болниците, освен за итни приеми, во баровите и тоа и во внатрешните простори и на терасите, во големите трговски центри и за 1,8 милиони работници кои се во контакт со луѓе.

Во Холандија демонстрантите во саботата протестираа против ограничувањата во ноќниот живот. На собирот под мотото „Unmute Us“, масата меѓу која беа познати диџеи и музичари повика на укинувањето на ограничувањата во ивент индустријата. Организаторите повикаа на протести во десет градови, меѓу кои и Амстердан, Хаг, Грононген и Маастрихт.

Кон крајот на јуни Холандија повторно ги отвори ноќните клубови и дискотеките, дозволени беа и фестивалите и студентските забави. Меѓутоа, со растот на дневните бројки на коронаинфекциите, повторно беа воведени ограничувањата.

Холандската влада ги повика стручниот кризен штан повторно да го разгледа отворањето на ноќниот живот кон крајот на септември. Организаторите на протестите, пак, истакнуваат дека на младите им недостигаат фестивалите и забавите, како и дека постојаните рестрикции предизвикуваат проблеми со менталното здравје.

И во Истанбул се собраа стотици лица против мерките за вакцинирање, иако бројот на заразите во Турција се зголемува. Видео-снимките објавени на социјалните мрежи прикажуваат демонстранти на Плоштадот Малтепе, повеќето без маски кои го извикуваат мотото „Ќе се спротиставиме на вакцинирањето“.

Во Турција дневниот број на заразени со Covid-19 се зголеми на повеќе од 23.000 во саботата, најмногу од 6-ти мај, според владините податоци. Во саботата имаше 217 смртни исходи наспроти 37 на дневно ниво пред два месеца. Турција на почетокот од летото ги ублажи епидемиолошките рестрикции, а во земјата со околу 85 милиони жители, вакцинирањето не е задолжително.

Од друга страна, пак, во Данска речиси сите мерки се укинати и е одржан концерт пред 50.000 посетители, на стадионот во Копенхаген во чијашто близина е поставен штанд за вакцинирање против Covid-19. Пред концертот сите невакцинирани можеа да се вакцинираат, а тоа е еден од начините на кој данските власти се обидуваат да ги привлечат на вакцинирање и младите.

Ова е првиот стадион во Европа кој прими посетители во полниот капацитет од прогласувањето на пандемијата на коронавирусот, истакнаа организаторите. Настанот е одржан откако данската влада во петокот ги укина и последните рестрикции воведени поради коронaвирусот.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.