Примерок на замрзнати пилешки крилца увезени во Кина од Бразил е тестиран позитивен на корона вирус.

Веста ја соопштија локалните власти во јужниот кинески град Шенжен, кои предупредуваа дека загадената храна може да предизвика појава на нови случаи со корона кај луѓето.

Локалната контрола тестирала површина од пилешки крилца во рамки на рутинска проверка на месото и морските плодови увезени од јуни годинава, кога се појави нов кластер во Пекинг поврзан со пазар за храна во градот.

Ова откритие доаѓа еден ден откако траги на корона вирус се најдени на пакувања со смрзнати ракчиња од Еквадор. Кина ги контролира пристаништата од страв од увоз на вирусот преку храна.

Здравствените власти во Шенжен ги откриле и ги тестирале сите кои биле во контакт со загадената храна и сите резултати биле негативни.

Тешко е да се каже во која фаза смрзнатите пилиња се заразени – изјави претставник на увозникот на месо од Бразил во Кина.

Центарот за превенција од епидемија и контрола во Шенжен ги предупреди граѓаните да внимаваат и да го намалат ризикот од инфекција од увозно месо и морски плодови.

Кина ги контролира сите контејнери кои носат месо и морска храна на нејзините најголеми пристаништа. Од јуни наваму сомнителни се неколку увози од различно потекло, вклучувајќи го Бразил.

Првиот кластер на заразени со Ковид-19 во Кина е поврзан со пазарот за морска храна во градот Вухан. Првичните студии сугерираа дека вирусот потекнал од животински производи кои се продавале на пазарот.

Ли Фенгин, раководител на микробиолошка лабораторија во Кинескиот национален центар за безбедност на храна и справување со ризици, изјави дека не се исклучува можноста загадена храна да предизвика нови инфекции.

Вирусите можат да преживеат до две години на температури од минус 20 степени, но научниците велат дека досега нема цврст доказ дека корона вирусот кој предивизкува Ковид-19 може да се шири преку смрзната храна.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.