Полицијата приведе 12 лица поради урнатите згради во југоисточните провинции Газиантеп и Шанлиурфа по силниот земјотрес што ја погоди Турција, објавија локалните медиуми.

Меѓу приведените има и изведувачи, соопшти новинската агенција „ДХА“.

Најмалку 6.000 згради се урнаа по земјотресот со јачина од 7,8 степени според Рихтеровата скала што го погоди регионот, убивајќи повеќе од 25.000 луѓе и предизвика гнев поради неквалитетната градба, објави новинската агенција „Франс прес“.

Се очекуваат нови апсења откако јавниот обвинител во Дијарбакир, една од 10-те југоисточни провинции погодени од земјотресот, денеска издаде налози за апсење на 29 лица, објави државната новинска агенција.

Еден од уапсените во саботата бил градежен изведувач во Газиантеп, соопшти агенцијата, додавајќи дека бил пронајден од полицијата во Истанбул.

Обвинителите покренаа неколку истраги во провинциите, вклучувајќи го и Кахраманмараш, каде што е областа Пазарџик, кој беше епицентарот на земјотресот.

Турското Министерство за правда им нареди на обвинителите во 10 провинции да формираат специјални „канцеларии за истраги за криминал поврзани со земјотреси“.

Во петокот турската полиција го уапси изведувачот на високата луксузна станбена зграда што се урна во провинцијата Хатај. Тој бил уапсен на аеродромот во Истанбул, наводно додека се обидувал да побегне од земјата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.