Медиумските информации дека сестрите на кралот Фелипе Шести биле вакцинирани против коронавирус во ОАЕ, денеска предизвикаа бурни реакции во Шпанија, каде крајно левичарската партија Подемос, која е дел од владеачката коалиција во земјата, соопшти дека ваквите „привилегии само служат за дискредитација на монархијата“.

Според весниците „Ел Мундо“ и „Ел доверливо“, принцезата Елена (57) и принцезата Кристина (55) биле вакцинирани во февруари во Абу Даби, додека биле во посета на нивниот татко, поранешниот крал Хуан Карлос. Двете принцези се уште немале право да се вакцинираат според шпанската програма за имунизација против Ковид-19, која им дава приоритет на старите лица и на најранливите категории граѓани.

Хуан Карлос, кој абдицираше во 2014 година, лани во август пребега во Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) поради истрага во врска со неговите финансиски договори.

Портпарол на кралската палата не даде коментар за скандалот, наведувајќи само дека принцезите формално не се дел од институцијата, а палатата ја нема нивната агенда на активности.

Подемос, помладиот партнер во коалициската влада на социјалистичкиот премиер Педро Санчез, и кој е силно антимонархистички настроен, жестоко го критикуваше кралското семејство.

-Вакцинацијата на принцезите е повеќе вест што придонесува за дискредитација на монархијата. За јавноста, ова е повластен третман и привилегија, изјави за јавната телевизија ТВЕ министерката за еднаквост Ирене Монтеро, членка на Подемос.

Монархијата е едно од неколкуте прашања што ги разделуваат Подемос и владејачките социјалисти од јануари 2020 година. Ова е првпат една антимонархистичка партија да е на власт откако Шпанија се врати кон демократијата во 1970-тите.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.