Претседателот на Казахстан, Касим-Жомарт Токаев, денеска се обрати до граѓаните на својата централноазиска земја зафатена со немири, при што вети „строг“ одговор на масовните протести.

Како претседател, јас сум должен да ја заштитам безбедноста и мирот на нашите граѓани, да се грижам за интегритетот на Казахстан, нагласи тој на руски на казахстанската телевизија, додавајќи дека има намера „да се однесува што е можно построго“.

Претставништвото на рускиот ТВ канал „Мир“ во Алмати денеска било нападнато од демонстрантите, а персоналот е евакуиран и е на безбедно. Во нападот е уништена канцеларијата и телевизиската опрема.

Токаев денеска потпиша указ за прогласување вонредна состојба во Нурсултан, а вонредна состојба е прогласена и во други градови, поради демонстрации и судири со полицијата.

Полицијата во конфликтот со демонстрантите во Алмати почна да користи специјални средства, солзавец и шок бомби. Протестите почнаа во неделата во провинцијата Мангистау, која произведува нафта во западен Казахстан, по укинувањето на прописите со кои се ограничи цената на течниот нафтен гас, популарното гориво за автомобилите, по што цената на горивото се зголеми за повеќе од 100 проценти.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.