Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел ги повика земјите-членки на ЕУ да ги почитуваат заедничките принципи кога станува збор за ограничувањата на патувањата, со цел да се спречи ширењето на пандемијата на Ковид-19, особено на новите мутации на вирусот.

Лидерите на ЕУ наведуваат дека три нови мутации на корона вирусот веќе се раширија во многу земји-членки поради што неважните патувања и понатаму треба да бидат ограничени, а мерките да бидат пропорционални на ширењето на мутациите.

Мора да обезбедиме проток на стоки и услуги на единствениот пазар низ зелените коридори. Очекуваме Европската комисија да се погрижи овие правила да се почитуваат – изјави Мишел.

По состанокот со лидерите на ЕУ, претседателот на Европскиот совет повика на солидарност со трети земји во дистрибуцијата на вакцините, како преку инструментот Ковакс, така и преку механизмот на ЕУ за трансфер на вишокот вакцини од земјите членки.

Се согласивме да продолжиме да ги делиме вакцините со соседите и партнерите. Здравствените работници треба да бидат први заштитени и нашата помош треба да ја добие секој што има потреба од тоа, вклучително и Африка, Западен Балкан, Латинска Америка и земјите од Источното партнерство – истакна Мишел.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.