Шведскиот државен епидемиолог Андерс Тегнел рекол дека властите најверојатно во наредните викенди ќе проверуваат кои ресторани не се придржуваат до мерките за социјално дистанцирање при борбата против коронавирусот, и најави дека ќе бидат затворени оние објекти кои ги прекршуваат правилата.

Шведска е позната како „европски исклучок“ со своите либерални правила во борбата против коронавирусот, бидејќи досега кај нив беа отворени фризерски салони, сите продавници, ресторани и барови, како и границите. Таа земја досега забележа преку 9.000 заразени, а починаа 793 луѓе, значително повеќе отколку во Данска, Финска и Норвешка заедно. Тие три нордиски држави имаат многу построги правила од Шведска.

Заради тоа, оваа земја веќе некое време имплементира поостри правила, но полека го менува и пристапот во борбата против коронавирусот. Најавувањето на затворање на рестораните кои не ги почитуваат мерките, и чии пренатрупани маси го привлекоа вниманието на европските медиуми, говори дека се на пат на промена на пристапот.

Сопствениците на рестораните имаат јавна одговорност, но и гостите имаат посебна одговорност, рекол Тегнел.

Шведска во март вовела некои ограничувања во баровите и рестораните: Пијалоците и храната можат да се послужуваат само на масите, како и дека групи на луѓе не смеат да се задржуваат на шанкот.

И додека многу земји во Европа ги затворија кафулињата, рестораните и јавниот превоз, Шведска тоа и понатаму не го направи, а нејзината политика се сведува само на апели за социјално дистанцирање како држење растојание во затворените простори.

Добиваме многу сигнали дека луѓето не се држат до правилата, така да заради таков развој на настаните мораме да воведеме некои контроли – рекол Тегнел.

Надлежните во Шведска почнале да тестираат граѓани за да се види колку луѓе се заразени со коронавирусот. Од 773 граѓани на Стокхолм стари од две до 86 години колку што се досега тестирани, се покажало дека 2,5 отсто се заразени.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.